Новогодишни концерти за најмалите
На 16 и 17 декември 2024 година учениците од ООУ „Св. Јоаким Крчовски“- Крива Паланка приредија незаборавни новогодишни концерти за најмалите во детската градинка „Детелинка“ и нејзините клонови.
Со мајсторска изведба на класична, современа и народна музика, младите музичари ја приближија уметноста до детската публика, внесувајќи радост и празничен дух. Децата од градинката возвратија со искрени насмевки и громогласни аплаузи, создавајќи топла и весела атмосфера.
Покрај музичките настапи, учениците рецитираа новогодишна поезија и читаа празнични честитки, збогатувајќи ја програмата и внесувајќи дополнителна магија во настанот.
Посебна благодарност им се упатува на сите ученици учесници и нивните посветени професори: Лариса Жулина-Митовски, Сања Петровска и Марјан Бошковски, кои со својот труд и ентузијазам придонесоа за успешна реализација на овој новогодишен проект.
Прво место за училишниот оркестар на меѓународен фестивал во Банско
Учениците од училишниот оркестар постигнаа извонреден
успех на Меѓународниот уметнички фестивал „Утринска Ѕвезда“, кој се одржа на
27.11.2024 година во Банско, Бугарија. Настанот обедини учесници од седум земји (Македонија, Индонезија, Грција, Турција,
Украина, Бугарија и Молдавија), а младите таленти од нашето училиште ја
претставија Општината на најдобар можен начин.
Во меѓународна конкуренција, оркестарот под раководство
на проф. Лариса Жулина-Митовски освои прво место.
„Горда сум на нашите ученици кои, со својот труд и
посветеност, покажаа дека се подготвени да се натпреваруваат на највисоко ниво.
Нивните успеси се доказ за нивниот талент, но и за важноста на уметничкото
образование како дел од нивниот личен и професионален развој,“ изјави проф.
Лариса Жулина-Митовски, менторка на младите музичари.
Фестивалот „Утринска Ѕвезда“ претставува значаен настан
кој обединува млади таленти од различни култури и нации, а учениците од Крива
Паланка со своите настапи покажаа дека се вистински амбасадори на македонската
музичка уметност.
Успесите на овие млади уметници се уште еден поттик за
општината да продолжи да го негува талентот и да создава услови за нивен
понатамошен развој.
На државниот натпревар за училишни хорови и оркестри, кој се одржа во организација на Здружението на музички педагози од Македонија (ЗМП) на 11.мај во Скопје, оркестарот при ООУ „Свети Јоаким Крчовски“-Крива Паланка под менторство на проф. Лариса Жулина-Митовски го освои првото место.
Учениците од училишниот оркестар секоја година освојуваат први места и високи признанија во областа на оркестарот и инструменталната музика. Нивната посветена работа и љубовта кон музиката не остануваат непрепознаени и секогаш, без исклучок, се наградени!
Честитки за сите учесници на оркестарот при ООУ „Свети Јоаким Крчовски“-Крива Паланка и за нивната менторка Лариса Жулина-Митовски и нека продолжат да ја шират љубовта низ звуците на музиката!
Предпразнично со музика – одржани Новогодишни концерти во градинката „Детелинка“
По повод Новогодишните празници, традиционално како и секоја година, во сите објекти на Детската градинка „Детелинка” во Крива Паланка беа одржани новогодишни концерти од страна на учениците од ООУ „Свети Јоаким Крчовски“-Крива Паланка.
„Новата година што иде, весела нека ни биде“! Со новогодишни пораки и песнички основците им ги честитаа на најмалите претстојните празници. Уште едно успешно претставување имаше и училишниот оркестар.
Учениците преку своите инструменти вешто ја доближија класичната музика до најмалата популација за што децата од градинката им возвратија со многу среќни насмевки и аплаузи.
Организатор на Новогодишните концерти е наставничката-ментор Лариса Жулина-Митовски која изрази задоволство од прекрасната, незаборавна празнична атмосфера и воодушевување од топлиот прием на сите вработени во Детската градинка “Детелинка” и директорката Олгица Георгиевска.
– Огромна благодарност упатуваме кон сите учесници, како и на нивните наставници Маја Златковска, Мирјана Петкова, Јагода Ангеловска, Даниела Ѓорѓиовска, Татјана Николовска, Милица Димитриевска и Верa Стоименовска, вели професорката Жулина-Митовски.
Еве дел од атмосферата низ фотографии:
Прво место за Оркестарот при НУ Центар за култура Крива Паланка на Меѓународен фестивал во Бугарија
Прво место за младите инструменталисти од кривопаланечкиот оркестар при НУ Центар за култура Крива Паланка на Меѓународниот фестивал “Утринска ѕвезда” во Банско во соседна Бугарија.
На 38. Меѓународен фестивал „Morning Star“ во Банско, Република Бугарија, младите инструменталисти на кривопаланечкиот оркестар при НУ Центар за култура – Крива Паланка, во голема конкуренција, го освоија првото место во категоријата инструментална музика.
СВЕЧЕН ПРИЕМ НА ПРВАЧИЊА
Концертот на млади музичари во рамки на “Кривопаланечко културно лето 2023”
Преполна сала и гласни аплаузи за младите музичари од Крива Паланка – Вчеравечер се слушнаа талентите
Младите таленти, музички виртуози од градот во класата на професорката Лариса Жулина – Митовски вчеравечер ја преполнија салата при Домот на култура во Крива Паланка.
Публиката уживаше во Концертот на млади музичари во рамки на “Кривопаланечко културно лето 2023”.
Салата беше исполнета до последно место, а публиката не ги штедеше аплаузите за младите уметници.
– Се чуствувам многу среќна по успешниот концерт! Се гордеам со сите мои ученици-млади музички таленти некои се уште во основно училиште, некои се во средно музичко, а некои веќе завршуваат факултети за музичка уметност во Штип и Пловдив, Р.Бугарија
Сите на сцената беа извонредни. Многу пријатно сум изненадена од публиката која дојде во голем број и со големо внимание и чувство го следеше концертот, изјави професорката Жулина Митовски под чие менторство работеа музичарите.
Таа упати голема благодарност до организаторите на овој целовечерен настан, а особено до директорот на Центарот за култура Антонио Стојановски, а изрази и благодарност за поддршката до Општината Крива Паланка, Центарот за култура и Градскиот музеј- Крива Паланка, во соработка со здруженијата од областа на културата и уметноста од градот. Професорката упати благодарност за поддршката и до Министерството за култура!
Утревечер голем концерт на младите музичари од Крива Паланка 8 август , 2023
Утревечер, со почеток во 20 часот, во Домот на културата во Крива Паланка публиката ќе има можност да ужива во концертот на младите музички таленти под менторство на професорката Лариса Жулина Митовски.
-Повелете да уживате во музичките преформанси на младите кривопаланчани, вљубеници во нотите, кои преку целата година посветено музицираат под менторство на професорката Лариса Жулина Митовски. Ќе бидат изведени низа врвни музички дела, а ќе настапат и оркестарот на млади музичари од градот, како и дел од учесниците на детскиот фестивал „Распеано симитче“, се вели во поканата.
Концертот е дел од програмата на Кривопаланечко културно лето.
НОВИ ВИСОКИ НАГРАДИ НА МЕЃУНАРОДНИОТ НАТПРЕВАР „ART IN“
Училишниот оркестар доби Меѓународна специјална награда со освоени максимални 100 поени и како најдобар оркестар е поканет на Меѓународниот фестивал со натпреварувачки карактер “All colours of Art”-2023, кој ќе се одржи во Римини, Италија од 26 до 28 октомври 2023 година.
Пијанистот Теодор Смиљков (9 одделение) ја освои II награда со 88,3 поени.
-Наградите се потврда за постигнувањата на моите ученици и поттикнување да продолжат да се стремат кон нови успеси. Тие стануваат стимул за продолжување на работата и за достигнување во своите уметнички желби и амбиции, рече Жулина-Митовски.
Организатори на натпреварот се: Лазо Атанасов – аранжер, композитор, естраден уметник, наставник по виолина во ООМБУ „Лазо Мицев-Рале“ – Кавадарци и д-р Екатерина Михељкис – хорски диригент, професор на „Академија Смилевски“, наставник во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола.
Честитки за постигнатиот успех на Меѓународниот натпревар по класична музика “ART IN” и голема благодарност за вложениот труд до менторот Лариса Жулина-Митовски!
Голема благодорност за поддршката до родителите на младите музичари и до Општина Крива Паланка за обезбеден превоз до Кавадарци.
ПРВИ НАГРАДИ НА
РЕГИОНАЛНАЛЕН НАТПРЕВАР ПО МУЗИКА VIVA LA MUSICA
Нашето училиште постигна забележителни резултати на регионалниот натпревар по музика насловен VIVA LA MUSICA кој се одржа во организација на Здружението на музички педагози од Македонија (ЗМП). Натпреварот се одвиваше во неколку категории меѓу кои хор, оркестар, камерни состави, вокални и инструментални солисти.
Училишниот оркестар освои прва награда со максималните 100 поени и пласман на државен натпревар под менторство на професор Лариса Жулина-Митовски.
Во категоријата вокални солисти Нина Николовска освои прва награда со 96 поени и пласман на државен натпревар, Јана Груевска – втора награда со освоени 80 поени и Софија Станковска – трета награда со освоени 61 поени.
Награди за училишниот оркестар на
ООУ „Јоаким Крчовски“- Крива Паланка Раководител: Лариса Жулина-Митовски ноември 2022 година
Новогодишен концерт во Europe House Крива Паланка
По повод новогодишните празници учениците од нашето училиште го одржаа традиционалниот новогодишен концерт во Europe House Крива Паланка. На концертот настапија учениците од класите по пијано и хармоника со соло точки, како и училшниот хор и оркестар На програмата беа изведени дела од Антонио Вивалди, Ј.С.Бах, Шопен, Штраус и многу други автори, изведени на пијано и хармоника. Исто така со своите перформанси се претставија училишниот хор и оркестар. Концертот се одржа на 26.12.2022 година во Europe House Крива Паланка, со почетокот во 15 часот. Атмосферата од концертот може да ја погледнете на следниов ЛИНК.
Успешен настап на училишниот оркестар на ХХХVІ Меѓународен фестивал на уметности „Утринска ѕвезда“
Во Банско, Република Бугарија од 30 ноември до 4 декември 2022 година се одржа ХХХVІ
Меѓународен фестивал на таленти „Утринска ѕвезда“. На фестивалот, кој беше со натпреварувачки карактер, учествува
ученици од повеќе европски држави, како Романија, Бугарија, Унгарија, Украина,
Молдавија, Казахстан и Р.С.Македонија.
Главен организатор на фестивалот е Здружението „Арт
академија – Утринска ѕвезда“ со седиште во градот Перник, Р. Бугарија, а негов
претседател е г. Кирил Костадинов. Фестивалот се одржува од 2008 година во
Банско, Албена, Сончев Брег и Ковачевци, а еднаш годишно во Софија се одржува
свечен гала- концерт за лауратите од годишните изданија на фестивалот.
Фестивалот работи и опстојува под заштита на УНЕСКО, а под покровителство на
Министерството за култура на Р. Бугарија.
Целта на Фестивалот е да се обезбеди можност
талентираните деца да ги истакнат своите капацитети и искуства, а истовремено
да се создадат услови за развој и промоција на креативните идеи преку семинари
за размена на искуства.
Училишниот оркестар при ООУ „Јоаким Крчовски“-Крива Паланка под менторство на проф. Лариса Жулина-Митовски се претставија со Антонио Вивалди, Концерт во f-moll и „Паладио“ од британскиот (велшки) композитор Карл Дженкинс. Жирито, составено од видни имиња на
бугарската музичка сцена, им додели втора награда. Ниту публиката не остана
рамнодушна на милозвучните тонови на младите таленти. Исто така, ученикот од
деветто одделение Теодор Смиљков од класата на истиот професор го освои
високото второ место.
Секоја работа вродува со
плод, па така учениците работеа три месеци со многу љубов и ентузијазам и
резултатот е видлив. На радост на сите вброени сме меѓу најдобрите, а со нашата
напорна работа и посветеност и изминатите години освоивме престижни награди на
фестивалите.
Ова е голем успех за нашето
училиште и општината, успешно ги реализираме сите наши проекти и се афирмираме
како училиште не само во републиката туку и надвор од неа.
Се одржа традиционален
ЧЛЕНОВИТЕ НА УЧИЛИШНИОТ ОРКЕСТАР ПРИ ООУ „ЈОАКИМ КРЧОВСКИ“ НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КРИВА ПАЛАНКА
Уште едно успешно претставувањена училишниот оркестар при ООУ „Јоаким Крчовски“ на Меѓународен фестивал
Учениците од училишниот оркестар при кривопаланечкото основно училиште „Јоаким Крчовски“, под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски, изминатиот викенд имаа уште еден во низата бројни успешни и наградувани настапи.
Имено, изминатата сабота тие беа дел од Меѓународниот фестивал „Душата на Русија“ кој е во организација на Центарот за дополнителна обука на руски јазик „Озарение“-Скопје, со поддршка на претставништвото на руската амбасада во Република Северна Македонија, а се одржа во Музејот на македонската борба.
Учениците од оркестарот се натпреваруваа заедно со учесници од земјава, како и од Србија, Босна и Херцеговина и Грузија.
Членовите на училишниот оркестар од Крива Паланка наградени и како солисти
Успешно одржана литературно-музичка манифестација„Пееме за Европа“
Музичарите од ООУ „Јоаким Крчовски“ се вклучија во одбележувањето на Денот на Европа во Крива Паланка
ВО КРИВА ПАЛАНКА СЕ ОДДРЖА МАНИФЕСТАЦИЈА „МЛАДИ
ЕВРОПЕЈЦИ-ЕВРОПА НА БАЛКАНОТ”
18 декември 2018
На овој настан беа предвидени неколку културни содржини и
тоа: Изложба на фотографии „Европа овде-Европа таму”, презентацијата на
краткиот филм „Мојот Европски идентитет”, како и промоција на книга со мисли и
цитати од „таткото” на Европа, Жан Моне со наслов – „Европа-нашиот заеднички
дом”.
На манифестацијата настапи и градскиот
оркестар „Алегро” под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски
Манифестација
„Млади Европејци-Европа на Балканот“ во Крива Паланка
Манифестација „Млади Европејци-Европа на Балканот” се
одржа вечерва во Градскиот музеј во Крива Паланка, во организација на
Европската филмска, театарска и танцова академија.
-Идејата и концептот на овој тригодишен проект е да се даде до знаење на која страна сме, да оставиме траги на патот до големото Европско семејство, оти за жал, денес се чини, најголеми поборници на Европската идеја се помалите народи. „Европа е наш заеднички дом“ е изрека на Моне, која носи силна порака.Книгата е преобјавена и е со предговор на францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние. Изложбата е дело на студентите од ЕФТА, ЕСРА универзитетот во Париз и Волфганг универзитетот во Есен, Германија, кои како резултат на повеќегодишната соработка преку размена прават рефлексија на нивната претстава за европски идентитет, изјави Гоце Ристовски од ЕФТА.
ГРАДСКИОТ ОРКЕСТАР „AЛЕГРО“ СО ГОЛЕМ УСПЕХ ГО ЗАВРШИ ОПШТИНСКИОТ ПРОЕКТ
3 декември 2018
Со освоено високо второ место на престижниот Меѓународен натпревар на уметноста „Morning star“ во Банско, Р.Бугарија, Градскиот оркестар „Алегро“ ги заокружи активностите од проектот, кој во изминатите 7 месеци беше финансиски поддржан од Oпштина Крива Паланка.
Во голема и силна конкуренција, младите инструменталисти од Градскиот оркестар ги освоија симпатиите на публиката, но и на реномираното меѓународно жири, кое ни ја додели втората награда.
– Презадоволна сум од резултатите и од настапот, посочи проф. Лариса Жулина – Митовски, раководител на оркестарот.
Ова е само уште еден од низата успеси, кои во изминатиот период ги постигна Градскиот оркестар „Алегро“. Со неговото формирање, пред 7 месеци, младите таленти добија можност да стекнат и да развијат музички вештини, како што се запознавање со инструменти, успешно музицирање, синхронизиран настап во група, самоувереност и настап на сцена. Нивниот музички квалитет го потврдуваат бројните настапи, награди и признанија, што сведочат за втемелувањето и подемот на музичката култура кај младите кривопаланечки музичари.
Формирањето и успешното функционирање на Градскиот оркестар во изминатиот период, покажа дека Крива Паланка има бројни придобивки од овој музички формат.
– Покрај збогатувањето на општинските настани и манифестации, најважен придонес е артикулирањето и всадувањето на љубовта кон музиката кај младите и нивното извонредно продуцирање на музичко-сценскиот израз. За да не запре тој индивидуален, но и колективен напредок на полето на музиката, најголема желба ни е и понатаму да ја имаме поддршката од Општината, за да можеме да продолжиме со идна надградба и постигање на успеси на уште повисоко ниво, порачува Лариса Жулина – Митовски.
Формирањето на Градскиот оркестар „Алегро“ беше поддржано од Општината Крива Паланка преку Центарот за аудиовизуелни уметности.
ГРАДСКИОТ ОРКЕСТАР „АЛЕГРО“ СО НАГРАДА ОД ДЕТСКИОТ КРЕАТИВЕН ФЕСТИВАЛ
„НИЕ ЗБОРУВАМЕ РУСКИ“
30 октомври 2018
Градскиот оркестар „Алегро“ од Крива Паланка, под раководство на проф. Лариса Жулина-Митовски, доби уште една потврда за својата посветеност и креативност на полето на музичката уметност, како и за афирмацијата на општината.
Младите музичари од „Алегро“ настапија на Детскиот креативен фестивал „Ние зборуваме руски“, кој се одржа на 27 октомври во ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје, каде ја освоија втората награда, во конкуренција на млади уметници од повеќе градови од Македонија и од Германија.
Фестивалот е во организација на здружението „Озарение“, со поддршка на Руската амбасада во РМ, Московскиот центар за меѓународна соработка и други институции. Целта на оваа манифестација е запознавање на руската култура и зголемување на интересот за изучување на рускиот јазик.
Низата признанија и награди, кои ги освои во изминатиот период Градскиот оркестар „Алегро“, докажуваат дека проектот за негово функционирање, финансиски поддржан од Општина Крива Паланка, е од големо значење за развивање на музичката култура кај младите и нејзина промоција на државно и меѓународно ниво
-Правиме напори секаде каде настапуваме да ја претставиме Крива Паланка во најдобро светло, како Општина која вложува во своите млади кадри и им овоможува развој на нивните таленти. Истовремено, и родителите се многу горди на своите деца и им заблагодаруваме на нивната огромна поддршка. Задоволство е да се работи на правилното насочување на децата и креативното изразување на нивните капацитети и таленти, вели Лариса Жулина-Митовски.
На 26.10.2018 година, пред платото на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, членки на клубовите на пензионерки кои функционираат во рамките на организациите на Црвен крст од Крива Паланка и Ќустендил, реализираа настан насловен како „Македонско –бугарска трпеза за заедничка дебата“.
На настанот се дебатираше, се читаше поезија, се готвеше и учесниците се дружеа под знамето на хуманоста, придонесувајќи кон практична афирмација и реализација на пристапот на активно и здраво стареење, промовиран од страна на Светската здравствена организација.
Овоја настан е завршна активност од проектот „Тука сме и можеме“, финансиран од Буџетот на Општината Крива Паланка и реализиран во втората половина на 2018 година.
Старите лица јасно и недвосмислено истакнаа, дека наспроти статистичките песимистички оценки за демографските трендови, каде што старата популација се етикетира со „терет“ или како непродуктивна група која го оптоварува државниот буџет, најчесто се занемаруваат позитивните аспекти на староста, која може да произведе низа на социјални и економски вредности, преку интергенерациска солидарност и пренесување на искуства, но и преку подарување на време, внимание и други ресурси, од старите генерации на младите.
Препознавајќи и почитувајќи го принципот кон активно здраво стареење, во чии темели се вградени начелата на хуман развој, на оваа завршна манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Крива Паланка, г-дин Борјанчо Мицевски.
-Огромна улога во ревитализацијата, ресоцијализацијата и создавањето на витална, активна и креативна старост, од ранлива група старите се трансформираа во индивидуи и групи, способни да помагаат на останатите ранливи категории и да бидат активни чинители во општествените текови на локалната заедница. Особено сме горди што старите лица денес се самозадоволни и исполнети личности, полни со самодоверба и енергија и со видно збогатен и подобрен квалитет на живот. Со еден збор, тие се мотивирани и подготвени да го искорстат своето знаење и искуство за добробит на заедницата, а воедно се и едни од најактивните волонтери во локланата самоуправа како и членови на Клубот на пензионери „Достоинствен живот“ при Црвен крст Крива Паланка- истакна Мицевски
Членките на клубовите на пензионерки од Крива Паланка и Ќустендил, кои десетина години наназад активно соработуваат на сите полиња, придонесувајќи во подобрување на квалитетот на сопствениот живот, а истовремено и во збогатување на активностите на организациите на Црвен крст, за оваа финална манифестација подготвија заедничка трпеза, на која беа презентирани традиционални јадења од македонската и бугарската кујна.
На настанот беше промовирана и збирка поезија „Камено зглавје“ од авторот Ванчо Накев, долгогодишен пријател на Црвениот крст, кој живее и работи во Шведска, а промотор на збирката беше писателот Ефтим Клетников. Исто така и членките на Клубот „Достоинствена старост“ читаа дел од своите поетски творби.
Душите и срцата на присутните во текот на целиот настан ги милуваа звуците од музичките инструменти на учениците под раководство на проф. Лариса Жулина - Митoвски.
ГОЛЕМ УСПЕХ НА ГРАДСКИОТ ОРКЕСТАР „АЛЕГРО“ НА МЕЃУНАРОДНИОТ НАТПРЕВАР
На 10 јуни 2018 година се одржа Меѓународниот натпревар за класична музика „Арт-ин Велес“, во организација на здружението „Арт ин орг“ од Кавадарци, на кој учестуваа околу 250 натпреварувачи од повеќе земји на Балканот, и тоа од Македонија, БиХ, Хрватска, Србија и Црна Гора. Учесниците се натпреваруваа на сите класични инструменти, а најмногу на клавир-околу 90 пријавени. Меѓународниот натпревар „Арт ин Велес“ е формиран со цел да се развива културниот и образовниот живот, преку соработка и дружење на деца и возрасни музичари, односно уметници од целиот свет.
Градскиот оркестар „АЛЕГРО“- Крива Паланка доби Меѓународна специјална награда со освоени максимални 100 поени.
Стручното жири и публиката беа воодушевени од блескавиот настап на младите музичари од Крива Паланка.
– Беспрекорниот настап и заслужените награди се резултат на посветеноста на членовите на Градскиот оркестар „АЛЕГРО“, но и на поддршката што ја добиваме од локалната самоуправа и од родителите на младите музичари. Тие ја препознаа вистинската вредност на музичкото образование, а пред се, значењето на функционирање на градски оркестар како музичка репрезентативна форма со која во најдобро светло ќе ја претставуваме својата општина и нашите музички достигања, истакна проф. Лариса Жулина Митовски.
На Меѓународниот натпревар, оркестарот се претстави со дела од барокниот италијански композитор Џулио Качини- „Аве Марија“ и современиот руски композитор Андреј Петров-„Мелодија“.
Првонаградени се пијанистите:
Меглена Георгиева – прва награда (94 поени);
Матеј Георгиев – прва награда (96 поени);
Михаил Митовски – прва награда (93 поени), и
Маја Тасевска – прва награда (94 поени).
Во овој музички колектив членуваат околу 45 музички таленти, под раководство на професорката Лариса Жулина-Митовски, кои се закитија и со посебни дипломи-признанија.
Градскиот оркестар „АЛЕГРО“ постои само неколку месеци и е дел од Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка. Функционирањето на оркестарот е овозможено со финансиска поддршка на Општина Крива Паланка.
– Со само неколку месеци работа, Градскиот оркестар „АЛЕГРО“ постигнува извонредни резултати,благодарение на професионалната и самопрегорна работа на професорот Лариса Жулина Митовски, која успева да го артикулира и изрази уметничкиот потенцијал на младите музичари. Истовремено, овој проект е пример за успешна соработка помеѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, која придонесува за културниот развој на заедницата, вели Методи Цветковски, претседател на Центарот за аудиовизуелни уметности.
Голем успех и признанија на младите
На XXII Меѓународен натпревар „Утринска ѕвезда“ што се одржа на
23 декември во Банско, Р.Бугарија, учениците од ООУ „Јоаким Крчовски“ – Крива
Паланка под раководство на професорката Лариса Жулина-Митовски, го потврдија
своето високо реноме. Имено, на овој
натпревар учениците освоија една прва награда и златен медал, три втори награди
– еден пехар и две сребрени медали и една трета награда и бронзен медал.
КОНЦЕРТ НА ВАСО РИСТОВ И НАТАША ТРБОЈЕВИЌ ВО КРИВА ПАЛАНКА
Кривопаланечката јавност имаше можност да присуствува на концерт на проф. Васо Ристов, на труба и м-р Наташа Трбојевиќ на пијано во соработка професорката по музичко Лариса Жулина-Митовски, под чијашто диригентска палка работи оркестарот.
No comments:
Post a Comment